Се појавија првите рендери од претстојните Samsung Galaxy S21 и Galaxy S21 Ultra телефони, давајќи ни увид во своевидниот редизајн што ќе донесе нови модели во споредба со постоечката S20 серија.
CAD рендерите ги објави дојавувачот @OnLeaks, а го прикажуваат потенцијалниот дизајн на Galaxy S21 или S30 моделите (во зависност од тоа за кое име ќе одлучи Samsung).
Кога е во прашање дизајнот, фотографиите прикажуваат познат изглед на предната страна. Тука е 6,2-инчниот рамен дисплеј, со Infinity-O punch-hole отвор за селфи камерата. Задната страна е сегмент каде што дизајнот е видно променет, а го карактеризира „обвиткувачки“ модул за трите камери.
Испакнувањето за камерата се проширува преку рабовите на рамките, со LED блиц интегриран во задниот панел. Не е познато кои сензори ќе ги има телефонот, но можно е дека ќе видиме 108MP камера, а можеби и ултраширок и телефото сензор.
OnLeaks ги објави и сугерираните димензии на телефонот, а тие изнесуваат 151,7 x 71,2 x 7,9mm (9,0 мм со испакнувањето за камерите).
Недолго по оваа објава, @OnLeaks подели уште неколку рендери со јавноста, но овојпат за Galaxy S21/S30 Ultra моделот. Оваа верзија на телефонот ќе пристигне со видливи разлики, вклучувајќи закривен дисплеј со големина од 6,7 до 6,9 инчи. Димензиите на овој модел наводно се 165,1 x 75,6 x 8,9 мм.
На задната страна, големиот камера модул исто така има обвиткувачки дизајн, а видливи се четири сензори и LED блиц. И покрај претходните гласини, Galaxy S21 Ultra рендерите што ги објави @OnLeaks не покажуваат докази за постоење на слот за S Pen паметното пенкалце.