Астрономите снимија Црна дупка која проголтува ѕвезда оддалечена 215 милиони светлосни години. Тие велат дека Црната дупка која проголтува една ѕвезда, е една од најнеобичните космички настани. Се работи за ѕвезда која била оддалечена 215 милиони светлосни години.

Астрономите биле алармирани за интезивната блескава светлина, која била видена на оддалеченост од повеќе од стотина милиони светлосни години, непосредно пред деловите од ѕвездата да исчезнат во црната дупка.

Ѕвездата била уништена од силната гравитација во процесот познат како шпагетификација. Овој настан, познат под името AT2019, прв го забележал астрономот Мет Никол од Универзитетот во Бирмингем, заедно со својот тим. Тие го проучувале со месеци.

Речиси е невозможно да се предвидат вакви настани и можно е да се снимат и забележат само со постојано набљудување на небото и со извесна доза на среќа, пишува „Раша тудеј“.

Кога масовните ерупции, како овој настан, ќе бидат забележани, астрономите реагираат многу брзо, насочувајќи ги телескопите во неговиот правец, како што е соѕвездието Еридан.

„Веднаш ги насочивме повеќето телескопи и оние кои ги имаме на Земјата и оние во вселената. Ги насочивме во насока кон ѕвездата за да видиме што претставува изворот на толку силната светлина“, вели астрономот Томас Веверс од Универзитетот Кембриџ.

Овој настан е снимен во различни светлосни должини, од ултравиолетав спектар, преку радио, оптички и телескоп со икс-зраци.