SMS пораките засекогаш го променија начинот на кој комуницираме, но изгледа дека веќе некое време не ги исполнуваат потребите на модерните корисници. Им недостасуваат функции на кои луѓето се навикнати благодарение на апликациите кои константно еволуираат во рамките на паметните телефони. Токму поради тоа, Google го усвои RCS (Rich Communication Services) протоколот за испраќање пораки, што би требало да го замени досегашниот SMS/MMS стандард. Откако RCS е усвоен во САД, протоколот пристигнува и во другите делови на светот.

RCS донесува низа промени, па бројот на карактери во рамките на една порака ќе биде ограничен на осум илјади (за разлика од SMS пораките каде е 160), корисникот кој ја чека пораката ќе може да види кога оној со кого комуницира ќе почне со пишување (како кај многу апликации за размена на пораки), сите апликации за комуникација ќе бидат синхронизирани, пораките ќе се испраќаат и со помош на Wi-Fi и мобилната апликација.

Тука се и групните разговори, аудио пораките и end-to-end енкрипцијата. Иако овие опции изгледаат како стандардна понуда во рамките на било која апликација, сепак се работи за значајно унапредување во однос на SMS пораките, и модерните опции ќе пристигнат на нешто што денес се смета за прастар формат за комуникација.

За да можат да го користат RCS протоколот, оние кои испраќаат и оние кои примаат пораки, мора да имаат телефони што го поддржуваат RCS протоколот и пристап до мрежа која ги поддржува ваквите пораки, како и иста апликација што се заснова на Chat/Universal Profile. Доколку било кој од овие елементи недостасува, RCS се конвертира во SMS. Покрај споменатите елементи, корисниците мораат да живеат и во некоја од земјите во кои е пристигнат RCS, а на тој список моментно се наоѓаат: Аргентина, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Грција, Италија, Ирска, Косово, Литванија, Холандија, Пакистан, Полска, Португалија, Србија, Сингапур, Словенија, Турција, а на листата неодамна и се приклучија и Австрија, Бангладеш, Израел, Нов Зеланд, Шри Ланка и Швајцарија.