Истекувањето на воздухот на Меѓународната вселенска станица се зголеми петпати последниве месеци. Поради тоа се бара двојна изолација кај екипажот на рускиот дел од сателитот, за да се утврди местото на истекувањето, изјави неофицијално претставник од ракетно-вселенската индустрија за тамошните медиуми.
Руските астронаути викендов повторно беа изолирани поради потрага по местото на дефектот. Се очекува тоа да заврши денеска.
– Кога истекувањето беше забележано во септември 2019 година, станицата губеше 270 грама воздух дневно. Првата изолација на екипажот МВС се случи во август, бидејќи стапката на истекување се удвои – на 540 грама на ден, рече неименуваниот извор. – Во септември, степенот на истекување се зголеми за уште 2,5 пати – на 1,4 килограми на ден, така што екипажот мораше повторно да се изолира, додаде тој.
Според руската вселенска агенција Роскосмос, официјално, безбедноста на екипажот на МВС и на самата станица, не е загрозена.
„Тимот за управување со летови на рускиот дел на МВС, заедно со астронаутите од другите земји, ја анализира ситуацијата“, велат оттаму.
На МВС сега се наоѓаат руските космонаути Анатолиј Иванишин и Иван Вагнер, како и Американецот Кристофер Кесиди.
Поврзани артикли