Компанијата „BtoBet“, која за кратко време стана еден од светските лидери и провајдери на технологии за казино и спортско обложување, се припои кон „Aspire Global“, компанија што котира на шведската берза, склучувајќи зделка вредна 20 милиони евра. Со аквизацијата двете компании ќе дејствуваат на меѓународните пазари преку платформата за спортско обложување создадена од „БтоБет дооел Скопје“.

За оваа групација се отвораат многу нови можности, како во Европа така и во северна Амeрика, а „BtoBet“ ќе го задржи своето место како лидер вo Африка и Латинска Америка.

Центарот за технолошки развој на „BtoBet“ е со седиште во Македонија, а комплетната технолошка иновација на компанијата се реализирала во Скопје, Битола и Охрид, преку тим на експерти за информатичка и комуникациска технологија. Тимот содржи експерти од повеќе области и брои повеќе од 70 високо обучени професионалци. Како главен продукт на компанијата се смета платформата „Neuron“, што ги задоволува растечките барања на спортските обложувалници и онлајн казината ширум светот.

„Напредната технологија што е темел на оваа платформа им овозможува на клиентите на ‘BtоBet’ технолошка флексибилност и скалабилност, можност да работат малопродажба, како и онлајн активности преку десктоп компјутер или мобилен.“, велат од „BtoBet“.

Македонскатата компанија, позади која стои Игор Лештар и која на почетокот беше составен дел на ИТ гигантот „Seavus”, за само пет години се позиционираше меѓу топ 10 провајдери за технологии за казино и спортско обложување во светот.

„BtoBet“ започна со работа во 2014 година, и за кратко време постигна огромен успех со што докажа дека македонски претприемачи, македонски девелопери и македонска инвестиција можат рамноправно да се носат со најголемите светски играчи од оваа индустрија.