Магазинот Forbes додаде 18 нови милијардери на списокот на 400 најбогати Американци, а меѓу нив е и Алис Шварц (93), една од основачките на лабораторијата „Био-Рад“, која произведува тестови за Ковид-19.

Во извештајот се наведува дека пандемијата на Ковид-19 им помогнала на некои милијардери да го заземат своето место на листата, а сите новодојденци имаат богатство од најмалку 2,1 милијарди долари, што е услов за нивно вклучување.

Меѓу оние на кои пандемијата им помогна да стигнат на листата е и Ерик Хуан, основачот на програмата за видеокомуникација Zoom.

На списокот на најбогати Американци се најдоа и основачот на компанијата за производство на електрични камиони „Никола“, Тревор Милтон, генералниот директор на ОСИ Груп, Шелдон Лавин, и Џим Коч, еден од основачите на компанијата „Бостон бир компани“.

Сопственикот на Amazon, Џеф Безос, сè уште е на првото место, трета година по ред, со богатство од 179 милијарди долари, а зад него се еден од основачите на Microsoft, Бил Гејтс и основачот на Facebook, Марк Цукерберг.