Австралија ќе биде меѓу првите земји во светот што ќе добијат вакцина против Ковид-19 откако владата склучи договор вреден 1,2 милијарди американски долари со фармацевтски компании за масовна вакцинација на почетокот на 2021 година, објавија властите на оваа земја.
Доколку „ветувачките тестови бидат успешни“, Австралија ќе добие 84,8 милиони дози вакцина од Универзитетот „Оксфорд“ и фармацевтскиот гигант „Астра Зенека“, како и од австралискиот универзитет во Квинсленд и биотехнолошката компанија ЦСЛ, соопшти владата.
Премиерот Скот Морисон објави дека Австралијците ќе бидат меѓу првите во светот што ќе примат безбедна и ефикасна вакцина, доколку ги помине последните тестови, пренесе агенцијата ДПА.
„Нема гаранции дека овие вакцини ќе бидат успешни, но договорот ја става Австралија на чело на нарачката“, рече Морисон.
Оваа земја ќе ги добие првите 3,8 милиони дози во јануари 2021 година, а остатокот постепено ќе пристигнува во текот на годината.
Двете вакцини ќе бидат слободно достапни за Австралијците и речиси целосно ќе се произведуваат во Мелбурн.
Морисон рече дека е решен да обезбеди ран пристап до вакцината за пацифичките држави и регионалните партнери во Југоисточна Азија.