LG потврди дека необичниот Wing телефон на компанијата официјално ќе биде претставен на 14. септември. LG Wing во претходниот период доста се појавуваше во гласините, а го карактеризираат два дисплеја, кои можат да се свртуваат 90 степени хоризонтално и да креираат формат во облик на буквата „Т“.

Форматот на Wing телефонот е делумно видлив во пратечкото видео, додека соопштението на LG открива дека телефонот ќе биде дел од „Explorer Project“ на компанијата. Ова ќе претставува серија на уреди кои имплементираат поинакви и неистражени кориснички искуства.

Гласините сугерираат дека LG Wing ќе има 6.9-инчен главен екран, со 4-инчен секундарен дисплеј и 1:1 однос на страници. Телефонот најверојатно ќе го покренува Snapdragon 765G чипсет, ќе има 64MP главна камера, а очекувана цена е во сегментот околу 1000 долари.