Коронавирусот го промени светот и начинот на кој функционираме сите. Поради рестрикциите за движење како последица на пандемијата со КОВИД-19 секторот туризам низ целиот свет бележи остар пад уште од март и април годинава.
Според податоците на Евростат од јануари до април 2020 година, бројот на ноќевања во туристичките капацитети во Европската Унија, како, на пример, хотели, апартмани, хостели, кампинг-центри или мали приватни преноќевалишта бележи пад од 44 проценти споредено со истиот период минатата година. По месеци, најголем пад во бројот на ноќевања во туристичките капацитети има во месец март од минус 62 процента и во април од минус 95 проценти, споредено со истите месеци во 2019 година.
Според Евростат, во нашата земја во месец април годинава се реализирани само 2. 228 ноќевања, што е драстичен пад, споредено со 58. 970 остварени ноќевања во април минатата година. Во месец март 2019 година, исто така, има пад од 38. 500 на 18. 284 ноќевања во месец март годинава.
Сепак, за многумина летниот одмор е важен сегмент од животот, ретка можност во годината да поминат десетина дена целосно посветени на семејството и децата, без секојдневните работни обврски.
Доколку годинава не планирате класичен летен одмор, секогаш можете да го истражите најблиското опкружување и да посетите некои помалку познати места во природа до кои се стигнува за еден до два часа возење од вашето место на живеење.
Истражете на интернет и направете план со семејството за времето додека сте на одмор. Прошетка во природа, посета на некои стари живописни села или манастири, возење велосипеди по некоја планинска патека или обичен пикник во природа.
Едноставно, но супер начин да се оттргнете од секојдневните обврски и да се наполните со енергија.
Престојот во природа е добар и за физичкото и за психичкото здравје. Затоа, подгответе сѐ што ви е потребно за пикник во природа, подгответе го возилото и отпатувајте со семејството до некое блиско место во природа. Убаво искористете го денот, оттргнати од гужвите и без непотребен контакт со други луѓе, и кон крајот на денот вратете се во својот дом. Неколку вакви излети за време на одморот ќе ви бидат доволни за некое време да ги оттргнете мислите од работата.
Додека најдобра заштита од коронавирусот е да се остане дома и да не се патува, здравствените експерти советуваат дека доколку се одлучите за класичен одмор подобро е да останете во границите на својата земја и да посетите некоја блиска дестинација каде што ќе знаете каде да се обратите во случај на итност.
Сѐ што правиме има одреден ризик. Но, ако досега ризик-факторот било лошото сместување или лошата плажа и временските услови, летувањето во време на корона пандемијата, носи дополнителни три ризик-фактори за кои треба да бидеме свесни пред патувањето и тоа – ризикот по личното здравје, ризикот од задолжителен карантин од 14 дена и откажување на резервациите во последен момент или целосно забрани за движење.
Сепак, ако сте се одлучите да патувате, тогаш задолжително следете ги најновите информации и здравствените препораки.