Молекуларни биолози од Кина, САД и Европа споредиле гени од неколку десетици вируси најсродни со САРС-КоВ-2.

Тие откриле дека неговите претходни облици се раздвоиле од заедничкото еволутивно стебло на вирусот кај лилјаците мошне одамна, пред 40 до 70 години.

Тимот молекуларни биолози предводен од Дејвид Робертсон од Универзитетот во Единбург, ја анализирал еволутивната историја на претходните облици на САРС-КоВ-2 со проучување на гените на неколку десетици вируси кои му се најсродни. Резултатите од истражувањето се објавени во магазинот „Нејчр мајкробајолоџи“.

Анализата покажала дека вирусите кои се сродни на САРС-КоВ-2 живеат во лилјаците веќе многу децении.

Овие вируси имаат заедничко потекло и способност да ги заразат клетките на цицачот, што го олеснува нивното пренесување на луѓето, а тоа би можело повторно да се случи во иднина, предупредуваат научниците.

До раздвојување на претходните облици на САРС-КоВ-2 од заедничкото еволутивно стебло на вирусот меѓу лилјаците во јужна и југоисточна Кина, дошло меѓу 1948 и 1969 година, додека до раздвојување на патогените на ковид-19 и САРС дошло подоцна, меѓу 1952 и 1970 година.

Резултатите од ова истражување укажуваат на тоа дека вирусите САРС-КоВ-2 циркулираат во лилјаците во јужна Кина преку половина век, а нивната специфична структура, која им овозможува да се поврзат со рецепторите на површината на клетките на белите дробови на неколку различни видови, објаснува зошто двата слични вируси го заразиле човечкиот вид и предизвикале сериозна епидемија на респираторни инфекции.