Апликацијата за видео-конференции Zoom престана со работа во тек на вчерашното попладне во големи делови на САД и Европа, а инженерите работат на отстранување на проблемот.
Една од најпопуларните апликации за деловни состаноци и часови на интернет има технички проблеми кои доведоа до престанување на работата во поголемиот дел на САД и Велика Британија.
Ситуацијата ја компликува фактот дека во многу училишта вчера беше првиот училишен ден, а поради пандемијата многу предавања се одржуваат онлајн.
Проблемите се забележани околу 16 часот по средноевропско време, а половина час подоцна компанијата објавила дека проблемот е лоциран и се работи на неговото решавање.
Голем број луѓе пријавиле дека не можат да пристапат на апликацијата, ниту да се вклучат на онлајн состаноци.
Апликацијата Zoom доживеа неверојатен пораст на корисници поради пандемијата, скокајќи од десет милиони во декември минатата година на повеќе од 300 милиони корисници во моментот.