Според многу параметри, кинеската автомобилска индустрија закрепнува, а знак за тоа е лансирањето на нови, во кинески стил, атрактивни производи. 

Новитетот од First Auto Works или скратено FAW е токму еден таков производ. Се нарекува Bestune E1, а она што го прави особено интересен е еден составен дел од инфо-забавниот систем – т.н. Холограм личен асистент. Поточно, во „кристално“ куќиште е холограмот на асистентот, а корисникот може да избере помеѓу неколку различни фигури. Камера ги снима изразите на лицето на возачот, а асистентот, во зависност од расположението, предлага промена на музиката и други параметри за удобност. Веднаш по влегувањето се скенира лицето на возачот и поставките за возилото автоматски се прилагодуваат. Целиот кокпит е дигитален, со висока резолуција, а одзивот е со солидна брзина.

Инаку станува збор за класично скроен SUV со неколку ексклузивни детали, како на пример рачки кои е извлекуваат. Моделот е долг 4.639 mm, широк 1.888 mm, додека висината е 1.640 mm. Возилото тежи 1.810 килограми.

Погонот е електричен и се состои од електричен мотор со максимални 190 КС и 320 Nm во комбинација со батерија со капацитет од 61 kWh. Максималната брзина е 170 km/h, a автономијата на движење со едно полнење на батериите е 450 километри. Почетната цена според информациите кои се на располагање е само 30.000 евра.

Извор: Додај Гас