Huawei го претстави MateBook X лаптопот, со донекаде изменет дизајн и продолжен и надграден тракпад. Иако го задржува истиот дизајнерски јазик како Pro верзијата на лаптопот, забележливи се некои разлики кои тежината на уредот ја намалуваат на 1 кг, од 1,33 кг колку што има X Pro. Исто така, Huawei MateBook X е тенок 13,6 милиметри.
Дисплејот од 13.9 инчи од Pro моделот е намален на 13 инчи, но ја задржува 3000 x 2000p резолуцијата и 3:2 односот на страници. Huawei ветува 100% sRGB покриеност на бои и има 400 нита осветлување. Дисплејот е осетлив на допир, а компанијата ветува 90% screen-to-body однос.
Лаптопот го покренуваат истите Intel Core i5-10210U и Core i7-10510U процесори во комбинација со 8GB и 16GB LPDDR3 RAM, додека просторот за складирање е до 512GB PCIe NVMe SSD. Поради помалата големина, стандардниот MateBook X го напојува 42Wh батерија, во споредба со 56Wh на X Pro моделот. MateBook X, исто така, нема стандарден USB-A конектор и користи два USB-C порта, кои се користат и за полнење.
Нема поголеми измени кај тастатурата, поседува скриена камера и четири звучници. Но, тука е новиот тип на тракпад за кој Huawei истакнува дека може да препознае различни нивоа на притисок, а тактилниот одзив дава чувство на притискање на вистинско копче.
Huawei MateBook X пристигнува во Emerald Green, Space Gray, Mystic Silver и Rose Gold варијанти. Лаптопот е претставен во Кина, а нема информации дали во некој момент ќе пристигне на глобалните пазари.