НЕПТУН Македонија се стекна со сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ кој го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија врз доброволна основа. Доделувањето на сертификатот претставува потврда дека НЕПТУН е ориентиран кон почитување на правата на потрошувачите и посветено се грижи за задоволството на потрошувачите во сите области на делување.

„НЕПТУН Македонија е компанија чија интенција е подобро да ги разбере потребите на потрошувачите, да ги идентификува клучните проблеми и трендови, и да ги отстрани сите причини за евентуално незадоволство кај нашите клиенти. Нашата цел е да создаваме амбиент за задоволни потрошувачи, да воведеме практики за подобро почитување на правата на потрошувачите преку доброволно прифаќање на кодекс за фер однос кон нив и истото да се отслика во работењето во рамките на сите работни единици на компанијата” – изјави раководителот на продажба на НЕПТУН Македонија, Димитар Стојковски.

„Задоволство ни е да го поздравиме пристапувањето на НЕПТУН кон процесот на сертификација. Тоа значи дека компанијата во сите наведени области ги исполнила условите и се стекна со сертификат – ФЕР со потрошувачот. Со сертификатот се верификува обврзаноста на Нептун да негува примерен однос кон потрошувачите, а со тоа да придонесе кон зголемување на нивната доверба и задоволство. Нептун претставува сертифицирана компанија која ќе биде објавена на веб страната ФЕР со потрошувачот за сертифицирани компании“ – изјави претседателката на ОПМ, д-р Маријана Лончар Велкова.

Сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ се доделува на компании кои имаат имплементирано јасно дефинирана стратегија за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, примена на фер пазарни практики при информирање, рекламирање, означување и склучување договори со потрошувачите, техничка поддршка и решавање поплаки и спорови, кои гарантираат заштита на личните податоци на потрошувачите и нивната приватност, инвестираат во едукација и свесност на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина.