По краткиот престој на францускиот модел Renault Clio на тронот како најбаран во Европа, VW Golf на крајот од првото полугодие на 2020 година е на првото место.

Со испорачани 134.045 единици во првите шест месеци од 2020 година, VW Golf ја држи првата позиција во однос на продажбата во Европа, покажуваат резултатите собрани од специјализираниот focus2move.com од 44 европски пазари, од Русија до Португалија.

И покрај првата позиција на Golf, Volkswagen, исто како и другите производители на автомобили, нема причина да слави. Имено, во периодот јануари-јуни се продадени 45,9% помалку единици Golf отколку во истиот период во 2019 година.

На второ место е Renault Clio, со испорачани 133.950 возила, со пад од 27%, додека на третото е уште еден Volkswagen, моделот Polo (продадени 103.620 автомобили, пад од 43,4%).

VW ја држи и четвртата позиција на листата на најпродавани модели во Европа, со SUV моделот Tiguan (99,559; -35,8%), додека на петтата позиција е Škoda Octavia (93.588; -32.9%).

По нив следуваат Ford Focus (88.936; -35,1%), Peugeot 208 (84.171; -35,4%), Opel Corsa (83.009; -34,2%), Nissan Qashqai (80.091; -39,4%) и Ford Fiesta (72.413; -43.5%).