Apple ја објави надградбата на своите iMac компјутери од 27 инчи, како и моделот од 21,5 инч. Нема премногу дизајнерски измени и најголемата надграба е на полето на подобрување на хардверските спецификации. Новиот iMac сега ја има 10. генерација Intel Core процесори, нови GPU опции, подобра веб камера, како и подобрувања за просторот за складирање.

Најголема надградба секако претставува опцијата за конфигурирање на компјутерите со 10. генерација на Comet Lake Core i9 процесорот со 10 јадра, а тука се и опциите со шест или осум јадра. Apple истакнува дека надградбата на десетјадрениот CPU донесува 65% побрзи перформанси. Кога е во прашање GPU, уредите сега можат да имплементираат до Radeon Pro 5700XT со до 16GB VRAM.

SSD сега стана стандард за комплетната линија. Моделите од 27 и 21,5 инчи како стандард сега користат 256GB SSD, со тоа што 27-инчната верзија има опција за SSD диск до 8TB. Уште едно подобрување за 27-инчниот iMac е додавањето на TrueTone за Ретина дисплеј, со опцијата за нано текстура (доплата 500 долари) за намалување на одблесокот на светлината и подобрување на читањето содржини.

Веб камерата е исто така унапредена, а сега има 1080p резолуција за подобрени видео повици. Apple го имплементираше и T2 Security Chip, кој ги подобрува FaceTime повиците. На крајот, компанијата од Купертино соопшти дека 10-јадрениот Intel Xeon процесор ќе стане стандарден за iMac Pro.

Apple.com го нуди 27-инчниот iMac по цена од 1799 долари во основната верзија со Core i5 шестојадрен процесор. Ажурираниот 21.5-инчен iMac и iMac Pro 27-инчи имаат почетни цени од 1099 и 4999 долари.