Јапонскиот храм Кодаиџи, во Кјото, има робот свештеник со името Миндар, кој носи футуристички поглед за проповедањето во овој 400-годишен будистички храм.

Дизајнот и изградбата на Миндар чинеше околу еден милион долари, а целта беше тој да личи на „Канон Бодисатва“, будистичка божица на милоста, за која се верува дека се манифестира преку разни форми, па зошто да не и преку роботи.

Миндар е висок 195 см, и е изработен од алуминиум и силикон. Програмиран е да одржува проповеди и може да се движи низ храмот, како и да има интеракција со луѓето.

Креаторите на овој робот изјавија дека планираат да му дадат можност на Миндар машинско учење, што ќе му овозможи да одговори на посебните духовни прашања на верниците со индивидуализирани одговори.

„Големата разлика помеѓу свештеникот и роботот е во тоа што ние луѓето ќе умреме“, рече будистичкиот свештеник Теншо Гото, потенцирајќи ја „бесмртноста“ на роботите.

Интересно е што ова не е нова идеја: во средниот век се појавија христијански „роботи“, кои беа направени за верско славење на велигденските и божиќните обреди.

На пример, во 16 век, шпански часовничар направил механички свештеник, кој ден денес сè уште работи.