Андроидот „Фјодор“, кој престојуваше во вселената, ќе се користи за тестирање технологии кои подоцна ќе бидат применувани врз новиот руски вселенски робот. За ова пишува новинската агенција РИА „Новости“ повикувајќи се на творците на „Фјодор“ од научно-производственото претпријатие „Андроидна техника“ од Магниторск.

„Роботот „Фјодор“ во иднина ќе се користи во својство на една од технолошките макети при работата над проектот „Теледроид“, вели извршниот директор на „Андроидна техника“ Евгениј Дудоров. Станува збор за проект на создавање роботски систем од антропоморфен тип кој треба да работи на површината на Меѓународната вселенска станица и да извршува низа технолошки операции. На „Фјодор“ ќе се тестираат технологиите за новиот робот.

Првиот робот-космонаут во светската историја „Фјодор“ престојуваше во вселената во август минатата година во состав на екипажот на вселенскиот брод „Сојуз МС-14“. На Меѓународната вселенска станица тестираше низа нови технологии, меѓу другото, и оние со управување на движењето со помош на екзоракавица, а на почетокот на септември се врати на Земјата.

Една од специфичностите на новиот проект „Теледроид“ во чии рамки е создаден антропоморфен робот кој ќе работи на надворешната површина на МВС е што тој нема да има подвижни нозе. Идејниот и технички проект е завршен, а роботот ќе биде испратен во вселената 2024 година.

Извор: Russia Beyond