Австралија ќе стане првата земја што ќе бара од интернет компаниите да им плаќаат на медиумски куќи за новинската содржина.
Земја ќе ги принуди технолошки гиганти како Facebook и Google да ги платат австралиските медиуми за објавените вести.
Овој принцип е според модел сличен на авторски права, а годинава ќе биде регулиран со закон, соопшти австралискиот министер за финансии, Џош Фрајденберг.
– Тоа би било чесно за работењето на австралиските медиуми. Треба да обезбедиме подобра конкуренција, подобра заштита на потрошувачите и одржливо медиумско опкружување. Се работи за иднината на австралискиот медиумски простор, додаде Фрајденберг.
Google соопшти дека регулативата ги игнорира „милијардите кликови“ што ги праќа до австралиските медиуми секоја година.
– Тоа испраќа загрижувачка порака до компаниите и инвеститорите дека австралиската Влада ќе интервенира наместо да го пушти пазарот сам да работи. Не прави ништо за да се справи со фундаменталните предизвици на создавање деловен модел погоден за дигитално време, изјави Мел Силва, извршен директор на Google за Австралија и Нов Зеланд.
Facebook сè уште не одговорил на барањето за коментар.
Поврзани артикли