Видеосервисот YouTube соопшти дека во следниот период ќе понуди 100 филмови и специјали за деца целосно бесплатно.
YouTube ќе додава нови содржини секој понеделник до 31. август. Повеќе од 100 филмови и специјали ќе бидат дел од проектот After School, зад кој стои YouTube Kids. Еден од шефовите на YouTube, Дон Андерсон истакна дека сервисот сака да им помогне на родителите кои истовремено се грижат за децата, ја работат својата работа од дома поради пандемијата на коронавирус и ги извршуваат секојдневните обврски. Целта е да им се помогне на родителите полесно да ги поднесат обврските, бидејќи децата се уште се дома.
„Сакаме да ви помогнеме со високовалитетни филмови и специјали, кои ќе ги забават вашите деца, а вие можете да ужувате со нив“, соопштено е од YouTube.
Колекцијата ќе ги вклучува насловите Tayo the Little Bus, Baby Shark and Pinkfong, The Wiggles, Masha And The Bear, Oggy & the Cockroaches and Paddington, Hair Love, како и едукативните серијали, а достапни ќе бидат и целосно нови филмови и емисии.
Содржините ќе може да се пронајдат секој понеделник во категоријата Shows во следните пет недели, објави Engadget.