Италија би можела да се соочи со нов бран на пандемијата Ковид-19 уште во август, а не како што беше најавено во септември или октомври.

На ова предупредува професорот Андреа Крисанти, микробиолог на Универзитетот во Падова.

Тој е автор на успешниот модел за ограничување на ширењето на коронавирусот, т.н. „модел Венето“, кој се состоеше од масовно тестирање на граѓаните, благодарение на што овој северен регион во Италија забележа релативно мал број заразени и мртви од Ковид-19, во споредба со соседните провинции.

Професорот Крисанти смета дека е невообичаено што во моментов Италија бележи релативно мал број заразени лица, додека ситуацијата во сите соседни земји е различна и бројот на инфицирани расте.

„Не би сакал да ширам песимизам, но имам некои дилеми. Можеби сме најдобри, но исто така е можно дека не тестираме како што треба”, предупредува професорот.

Како превенција од втор бран на заразата, тој препорачува масовно тестирање на населението.