Наследникот на веројатно најпопуларниот телефон (Galaxy A50) на Samsung за минатата година го носи името A51, а во однос на претходникот донесува уште поатрактивен дизајн, подобар екран и уште повеќе камери.

НИКОЛА БУРАГЕВ

Беше потребно малку време да се искристализираат работите, но ако ја погледнеме понудата од минатата година, Galaxy A серијата на Samsung покри голем распон, како во однос на цената, така и според можностите кои ги нудат овие телефони. Од A10 до A80, Samsung успеа да направи сегментација на сето она што не е премиум (S серијата, односно Note) и успеа да оствари големи резултати и успеси. Да погледнеме што ни донесува наследникот на Galaxy A50 моделот, во вид на верзијата за 2020. година – A51.

ДИЗАЈН И ЕКРАН

Galaxy A51 и A71 се модели кои Samsung ги најави на почетокот на годината и со нив го претстави новиот дизајнерски пристап на A серијата. Наместо notch (засек) како место за предната камера, освежената A серија сега го презема дизајнот што го видовме кај Galaxy Note и S моделите – централно позициониран отвор во екранот. Ваквиот дизајн на дисплејот, Samsung го нарекува Infinity-O, штo имплицира имплементација на предната камера (notch верзијата е Infinity-U).

Како и досега, елиминацијата на елементите на предната страна овозможува доминација на големиот 6,5-инчен екран, чии благо заоблени агли креираат навистина импозантна работна површина. Тука е и степенестиот премин помеѓу куќиштето и екранот, кој дополнително ги ублажува рамките на дисплејот, кои и така се прилично мали. Ни се допадна што Samsung ја елиминираше големата „брада“ карактеристична и за телефоните со најтенки рамки, рамномерно распоредувајќи ги рамките на сите четири страни.

Куќиштето на А51 моделот е поликарбонатно, а Samsung го нарекува Гластик (материјал што личи на стакло, како и кај претходниот A50 модел). Рамката со сребрена боја е многу елегантно вклопена со остатокот од уредот, а призматичната задна страна дополнително го нагласува единствениот визуелен идентитет на новата Galaxy A серија. Сјајниот финиш го красат два триаголника кои се сечат на задната страна, креирајќи интересни светлосни ефекти и го прават смартфонот единствен. Бидејќи секој од нив поседува поинаква текстура, финалниот впечаток е крајно интересен. Логото на Samsung се наоѓа на средина при дното на задната страна, а бидејќи сензорот за отисоци од прсти е сместен под дисплејот, единствениот елемент на задната страна е новиот систем со четири камери и блиц.

За разлика од Note серијата, копчињата се таму каде што ги очекуваат поголем дел од деснораките корисници – под палецот на десната рака. Спротивната страна го донесува слотот за SIM и microSD картички, додека на горната страна го наоѓаме само отворот за секундардниот микрофон. USB-C портот е сместен како и кај поголем дел од телефоните – од долната страна, каде се наоѓаат и отворите за моно звучникот, 3.5 мм приклучок и отворот за главниот микрофон.

Кога станува збор за Infinity-O дисплејот, Samsung поради нешто поголемата дијагонала во однос на минатогодишниот модел, благо ја подигна резолуцијата, што покажува дека се работи за практично ист панел како кај претходникот – новиот модел е поголем за 0,1 инч. Односот на страници е исто така променет од 19.5:9 на 20:9. Значи, екранот е 6,5-инчен Super AMOLED, со резолуција од 2400×1080 пиксели и висока густина од 405 ppi. И заштитниот слој против гребење остана ист, односно се работи за Corning Gorilla Glass 3.

ПЕРФОРМАНСИ И БАТЕРИЈА

Внатрешните органи на Galaxy A51 се малку надградени во однос на претходникот. Уредот го покренува осмојадрен 10nm Exynos 9611 процесор со 4GB RAM меморија. Тоа значи дека чипсетот се потпира на четири побрзи A73 јадра на 2,3 GHz и четири штедливи A53 на 1,7 GHz, додека за графиката се грижи тројадрениот Mali G72 MP3. Системот на располагање има големи 128GB простор за складирање, кој може да се прошири преку microSD слот, не нарушувајќи ги Dual SIM можностите.

Тоа нуди сосема солидни перформанси, како во секојдневните задачи, така и во игрите како PUBG. Во однос на квалитетот на телефонирање немаме никакви замерки, како ни на GPS услугите.

Батеријата со капацитет 4000 mAh повторно ќе понуди доста солидна автономија со над осум часа вклучен екран. Во пакетот е 15W полнач и до 100 проценти се полни за околу час и 45 минути.

КАМЕРИ

Galaxy A51 во однос на популарниот лански модел A50, доби и нови унапредени камери. Покрај додадената макро камера, главниот сензор е унапреден на оној најпопуларниот од средната класа – 48MP Quad Bayer од 26mm со коректен отвор на бленда од f/2.0, со можност за PDAF автофокус, снимање 4K видео и Live Focus портрети. Бидејќи се работи за уред од средната класа, нема оптичка стабилизација, а фокусирањето се врши со фазна детекција на ниво на два пиксела.

Иако 26mm леќа се смета за широкоаголна, Samsung остави место и за 12 MP/12 mm ултраширок сензор, кој го замени оној од 8MP на A50 моделот. Сензорот за длабочина остана ист – 5MP, а додаден е и 5MP f/2.4 макро сензор, кој значително ги поместува границите на флексибилност на овој систем на камери. Видеата е можно да се снимаат и со ултрашироката камера.

Станува збор за фантастичен сензор од средната класа, кој своите одлични перформанси ги остварува благодарение на pixel binning технологијата. На дневно светло фотографиите се убави, богати со детали, со реален приказ на бои и добра динамика на кадарот. 

Предната камера од 25MP скокна на 32MP,  а доби и видео снимање во 4K резолуција. Отворот на блендата изнесува f/2.2, а снима и Live Focus портрети со заматена позадина.

Интерфејсот е познат, брзината на фотографирање е на висина на задачата, а нуди и компензација на експозицијата и насочувањето на фокусот. Покрај автоматиката и вештачката интелигенција (AI) на Samsung, достапен е и Професионалниот режим на снимање, а просечните корисници најмногу корист ќе имаат од autoHDR функцијата, која осигурува многу добар динамички распон.

СОФТВЕР

Препознатливиот кориснички интерфејс од S серијата, Samsung го задржа и кај A51 моделот. Ова значи и сите нови функции кои One UI ги донесе пред неколку години, со уште малку интересни додатоци.

Samsung ја задржа идејата за чист интерфејс, неоптоварен со дополнителни апликации и елементи. Пријатно нè изненади присуството на Edge Apps функцијата, која досега беше резервирана за S серијата и моделите со закривен екран. Edge Apps овозможува дополнителните најкорисни апликации да ги повикате со повлекување на прстот од десниот/левиот раб кон внатре. Покрај апликациите, можете да изберете и „мени“ со алатки: компас, бројач, LED ламбичка, либела, линијар. Тука е и можноста за повикување на clipboard, како и низа други интересни кратенки кои секој корисник може да ги прилагоди на сопствените желби.

Galaxy Store нуди голем избор на теми, бесплатни и оние кои се плаќаат, па прилагодувањето, за оние на кои тоа им е интересно, е можно во бесконечни варијанти. Секако, тука е и Dark Mode (темниот режим), кој пристигнува со Android 10 како стандардна опција и која прилично ја цениме. Не треба да се заборави ни Digital Wellbeing функцијата, кога телефонот се грижи за тоа колку време поминувате пред екранот, кога одите на спиење и кога сте претерале со користење на уредот.

ЗАКЛУЧОК

Да се направи најевтиниот и најскапиот телефон е релативно лесно, но најтешко е да се „погоди“ средината која ќе биде им биде по волја на сите. Покрај огромната конкуренција во класата, сите производители сакаат да имаат најпродаван смартфон во распон од 300 до 400 евра, а тоа значи и огромна конкуренција, па дури и ако сте Samsung. Цената на уредот во Македонија се движи до 24.990 денари (околу 400 евра), со можност до намалени клуб цени до околу 19.900 денари (околу 320 евра), секако во официјалните продажни партнери на Samsung во Македонија.

Она што е сигурно е дека A51 има карактеристичен дизајн, со многу допадливо куќиште и изглед, како и натпросечен дисплеј. Samsung секоја година нè радува со некои нови интересни позадини, кои како да велат, еве повторно го имаме најдобриот екран

Најголемиот напредок во однос на А50 е на полето на камерите. Подобрениот главен сензор од 48MP, одличната широкоаголна камера и новата макро камера го носат фотографирањето кај A серијата на Samsung на едно повисоко ниво и продуцираат доста подобри фотографии и видеа во однос на претходникот. Од друга страна, сè она што е задржано од A50 никако не значи дека е лошо. Баш напротив, големата батерија овозможува дводневна автономија, додека расположливиот простор од 128GB значи дека нема брзо да останете без простор за мултимедија, а и кога тоа ќе се случи, тука е засебниот мемориски слот. 

Предности:
  • Атрактивен дизајн
  • Простран 6.5-инчен екран
  • Четири камери, со одличен широкоаголен сензор
  • Dual SIM со microSD слот
  • Android 10 и UI 2.0
  • 128 GB интерна меморија + microSD
  • Солидна автономија на батеријата
  • Одлична цена за она што го нуди

ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ

Екран 6.5-инчи, Full HD+ (1080×2400) Super AMOLED

Infinity-O Дисплеј

Камери Главна: 48MP, F2.0

Depth: 5MP, F2.2

Macro: 5MP, F2.4

Ултра-широка: 12MP, F2.2

Селфи камера: 32MP, F2.2

Димензии 158.5 x 73.6 x 7.9 мм / 172 гр.
Процесор Octa Core (Quad 2.3Ghz + Quad 1.7GHz)
Меморија 4 GB RAM128GB внатрешна меморија

MicroSD слот (до 512GB)

SIM картичка Dual SIM (3 slot)
Батерија 4.000 mAh (типична), 15W брзо полнење
Биометриска безбедност On-Screen Fingerprint (отисок на прст), Face Recognition (препознавање на лице)
Оперативен систем: Android 10 + One UI 2.0