Социјалното дистанцирање е најтешко за почитување кога станува збор за превозните средства, особено со патниот транспорт.
Најновата фаза од борбата против пандемијата во прв план го исфрли одамна исфрленото оружје, заштитните маски, а се разгледуваат и дополнителни мерки. Ford решил да биде меѓу првите кој ќе понуди нешто како дополнителна опрема.
Исто како што шалтерските работници имаат заштитни транспарентни панели, така и Ford предвидeл слична заштита во своите возила. Првата примена се очекува во лесните доставни возила, како што е Transit, а доколку се појави потреба, слична заштита може да преземат таксистите и сите оние што се вклучени во превозот на луѓе.
Панелите се изработени од ПВЦ (поливинил хлорид) пластика, се транспарентни и доаѓаат со интегрирани ленти за прицврстување. Инсталацијата е многу едноставна и трае кратко време, а панелите се поставени така да не и сметаат на вентилацијата, како и на активацијата на воздушните перничиња во случај на несреќа. Достапни се четири конфигурации, за одвојување на првиот и вториот ред на седиштата и левата и десната страна.
Овие панели наскоро ќе бидат понудени преку Ford Online продавниците низ цела Европа.
Извор: Додај Гас