Светската здравствена организација (СЗО) објави нови насоки за коронавирусот, кои признаваат некои извештаи за пренесување на вирусот преку воздухот, но се залага за дополнителни истражувања.

Во најновите упатства за пренесување на вирусот, СЗО признава дека во затворен простор постои можност за пренесување на вирусот преку воздухот, како, на пример, ресторани или спортски сали.

Со тоа одговори на отвореното писмо од 239 меѓународни научници, кои ги повикаа СЗО и меѓународната медицинска заедница да го признаат постоењето на можноста вирусот да се пренесува преку воздухот.

Сепак, СЗО додаде дека итно е потребно дополнително истражување.

СЗО е децидно дека новиот коронавирус се шири со директен или индиректен контакт со заразени површини или во близок контакт со заразени лица кои го шират вирусот преку капки, односно кога заразено лице кашла, кива, зборува или пее.

Велат дека пренесувањето на коронавирусот преку воздухот може да се случи и преку медицински постапки во текот на кои се ослободуваат аеросоли.

Некои извештаи за пандемијата, кои се однесуваат на пренатрупани затворени простории, покажале дека постои можност за пренос на аеросоли во комбинација со трансмисија на капки во случаи како хорски проби, во ресторани или на часови по фитнес, пишува „Ројтерс“.

Аеросолите се цврсти честички или мали течни капки настанати од чад, прашина, од пепот што лета и од кондензирани гасовити супстанции, кои може да се најдат во атмосферскиот воздух.