Десет години на Земјата е едно, а на ѕвездата стара околу 4,6 милијарди години нешто сосема друго. Сепак, секоја деценија на Сонцето е преполна со турбуленти настани и силовити промени, што најдобро се гледа во time-lapse видеото, кое го направиле експертите од Solar Dynamics опсерваторијата на NASA.
Вселенската агенција објави 61-минутен филм од споени фотографии од Сонцето, собирани во период од десет години. Фотографиите биле направени од опсерваторијата за соларна динамика на агенцијата, која неодамна прослави десетгодишнина од набљудувањето на Сонцето од орбитата.
Опсерваторијата беше испратена во орбитата во февруари 2010 со цел да го истражува однесувањето на нашата ѕвезда и да анализира како условите во вселената влијаат врз животот на Земјата. На опсерваторијата има инструменти кои го следат магнетното поле на Сонцето, како и ветровите што струјат низ нашиот Сончев Систем.
Во последниве 10 години опсерваторијата правела фотографии од Сонцето на секои 0,75 секунди. Биле направени неверојатни 425 милиони слики од Сонцето, а новото видео е направено со нивно спојување.
Во него може да се забележи дека во првите 5 години круната на Сонцето е активна, но како што тече времето, нашата ѕвезда се смирува. Ова е поради природниот 11-годишен циклус во кој Сонцето има фази на минимална и максимална активност.