Samsung подготвува нов достапен телефон за пазарите во развој, под името Galaxy A01 Core. Смартфонот доби Bluetooth SIG сертификат за Bluetooth 5.0 поддршка и се појави на Google Play Console листингот со спецификации и фотографија на уредот.
Новиот уред ќе има 720p дисплеј, неименуван MT6739WW чипсет на компанијата MediaTek и 1GB RAM. Овој чипсет претходно го видовме на Nokia 1 Plus моделот, а има четири CPU Cortex-A53 јадра @1.5GHz. Оперативниот систем е Android 10, а не е познато дали ќе користи целосна или послаба Go варијанта на Android.
Кога е изгледот во прашање, тука се стандардните рамки од горната и долната страна. Екранот е долг, додека копчето за звук е сместено од десната страна на рамката, над копчето за вклучување.
Телефонот се појави и на Wi-Fi Alliance сајтот, со имињата SM-A013F и SM-A013F_DS (за Dual SIM), што значи дека Samsung се подготвува да го објави на повеќе пазари. Galaxy A01 Core ќе има и Wi-Fi 802.11 b/g/n поддршка.