Во врска со денешното исклучување на емитувањето на телевизиските канали од страна на операторите, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) укажува дека е направена повреда на членот 115 од Законот за електронски комуникации.
Од Министерството велат дека освен ова, сите претплатници на операторите имаат законско право да бараат и право за надоместок на штета од страна на операторите, поради прекршување на одредбите од претплатничките договори и можат да бараат соодветна правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации, како надлежно регулаторно тело.
Министерството го цитира член 115 од законот во кој се вели дека „операторите кои обезбедуваат пристап до јавна електронска комуникациска мрежа можат, без согласност на корисниците, привремено да го ограничат или прекинат пристапот до нивните услуги, доколку тоа е потребно заради реконструкција, модернизација, одржување или во случај на технички пречки или недостатоци во мрежата.
„Операторите се должни да ја информираат Агенцијата и да ги известат корисниците за ограничувањата или прекините кои траат подолго од 30 минути:
– најмалку 48 часа пред планираната реконструкција, модернизација или одржување или
– колку што е можно побрзо, но не подолго од 48 часа, кај ограничувањата или прекините предизвикани од технички пречки или недостатоци во мрежата.
Операторите треба да ги преземат сите неопходни мерки, ограничувањата или прекините да траат што е можно пократко“, стои во законот.
Од МИОА велат дека со оглед на тоа што не се работи за прекин кој е предизвикан заради реконструкција, модернизација, одржување, технички пречки или недостаток на мрежата, јасно е дека се работи за повреда на законот, а последиците за ова дело се дефинирани во членовите 182 и 186 од Законот за електронски комуникации.
Во овие законски членови се дефинирани казните, односно глобите. Па така, глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице, односно трговец поединец, ако изврши привремено ограничување или прекин на пристап, спротивно на членот 115 од од законот.
Во членот 186 стои дека на правното лице за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон покрај глобата ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на определена дејност во траење од шест месеци до три години, а може да му се изрече и прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот.
На одговорното лице во правното лице за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата, ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година.
На трговец поединец, пак, за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, а може да му се изрече прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот.
Денеска во 18 часот македонските оператори ја реализираа најавата за времен прекин на реемитувањето на сите ТВ програми, освен на јавниот сервис МРТВ, во знак на протест поради, како што соопштија, наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Причината за ваквиот чекор, стои во соопштението, е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги по скратена и нетранспарентна постапка, без претходна консултација и расправа. Со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон. Дополнително, на 29.05.2020, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена, се наведува во соопштението на операторите кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.