Руските научници работат на развој на нова генерација сателити кои ќе имаат функција која наликува на летечки „авиотанкери“ кои вршат дополна на ловечко-бомбардерската авијација во воздух. Имено, новите сонди со помош на специјално вграден уред кој работи на принципот на ласер ќе ги дополнуваат батериите на вселенските апарати кои кружат по земјината орбита и на тој начин значително ќе го продолжат нивниот животен век.
Стручњаците вработени во состав на централната команда за научно-истражувачка дејност и развој на нови технологии на руското Министерство за одбрана кон крајот на мај 2020 година започнаа со работа на проект за далечинско енергетско дополнување на сателитите кои се наоѓаат во земјината орбита.
Вселенски ласер
Во овој момент на овој проект интензивно работи научно-истражувачка група составена од инженери на ракетно-космичката корпорација (РКК) „Енергија“. Во основата на овој проект се наоѓа идејата за далечинско енергетско дополнување на вселенски објекти со помош на електромагнетен полнач. Или, поедноставно кажано – со ласер.
Во склад со концепцијата на проектите на ракетно-космичката корпорација РКК „Енергија“, во земјината орбита ќе биде лансирана групација сателити опремени со ласерски уреди-енергополначи, кои ќе бидат во состојба да ја ретранспортираат енергијата што ќе ја добиваат или од специјализирани станици изградени на планетата Земја, или ќе ја генерираат својата енергија со помош на соларни панели (сончева енергија). Оваа енергија потоа ќе се трансферира понатаму, со помош на специјален ласер за „дополнување“ на сателити.
„Проектот за сателити на иднината ќе има свои специфичности и во самиот дизајн на вселенските апарати. Тие ќе бидат опремени со напреден систем за управување, група акумулатори, и импулсни полначи направени според шемата на суперкондензатори. Тоа ќе обезбеди функционална врска меѓу енергијата што се насобира во батериите и кондензаторите“, изјави за веб-порталот Russia Beyond воениот аналитичар Дмитриј Сафонов.
Притоа тој напомена дека „сателитите-полначи“ нема да можат да обезбедат „вечно функционирање“ на вселенските објекти што се наоѓаат во орбитата. „Тие имаат функција да го продолжат употребниот животен век на вселенските апарати кои се движат по орбитата (особено на оние кои се движат во зоната што нема контакт со Сонцето). Исто така, целокупната операција на дополнување на сателитите нема да има позитивно или негативно влијание на природното абење на останатата опрема од која се состојат тие“, напоменува експертот.
Извор: Russia Beyond
Поврзани артикли