Неодамнешните истражувања покажаа дека човекот се уште се развива – еволуира, па според една најнова студија објавена во „Nature Ecology and Evolution“, во догледна иднина човекот најверојатно ќе развие ген кој ќе ја спречи појавата на алкохолизам!

Истражувачите од Универзитетот во Пенсилванија анализираат геноми на околу 2500 лица од 26 популации на четири континенти, кои ги користат за изградба на своја студија наречена „1000 Genomes Project“. Тие се во потрага по нови варијанти во различни популациони групи кои би можеле да фрлат светлина врз еволутивните промени што во моментов ги доживуваме.

„Она што го покажува новото истражување е дека природната еволуција има тенденција да направи некои гени слични меѓу популациите, за да им помогне на луѓето да се прилагодат на последните промени во нашата средина”, изјави Џон Хокс од Универзитетот од Висконсин-Медисон.

 

Еволуциите на геномите кои веќе се започнати вклучуваат отпорност кон маларија кај африканската популација, промена на аминокиселините кај Европејците, два дела од ДНК-та останати од вкрстувањето со неандерталците и конечно варијанта на генот ADH (alcohol dehydrogenase).

Генот ADH е одговорен за индукција на производството на алкохол дехидрогеназа, ензим кој го разградува алкохолот во ацеталдехид, кој потоа се претвора во ацетат преку друг процес. Научниците претпоставуваат дека варијанти на генот ADH предизвикуваат побрзо разградување на алкохолот, што ги тера конзуматорите да се чувствуваат лошо речиси веднаш по консумацијата – страничен ефект кој речиси сигурно ќе ги одвраќа од понатамошно користење алкохол. Освен тоа, истражувачите сметаат дека во последните 1000 години луѓето, особено оние во репродуктивните години кои пијат повеќе, завлегуваат во алкохолизам пред да се репродуцираат – тренд кој се манифестира и денес, кога младите кои пијат и возат, често умираат пред да имаат свои деца.

Досега варијантите на ADH се пронајдени само во Источна Азија и во Западна Африка, но времето ќе покаже колку брзо ќе се прошири кон европското и американското население.