Додека многумина во светот останаа шокирани од пандемијата на коронавирусот, помалку или повеќе е познато дека на таква опасност со децении предупредуваа властите, научниците, па дури и авторите на популарните филмови и другите дела засновани на фикција.
Настојувајќи да ги означи опасностите со кои би можеле да се соочат Соединетите Американски Држави во наредните 30 до 50 години, американското издание на интернет порталот “Politico” наведува уште 9 видови на закани од кои стравуваат научниците и задолжените за националната безбедност во САД.
Првата опасност е глобализација на екстремистичкиот принцип на “белата надмоќ” која, како што се истакнува, има повеќевековна традиција во САД и во некои други земји од светот. Иако некогаш постоеле како локална, изолирана група, следбениците на овој принцип денес се поврзани во глобална мрежа, а американскиот Стејт Департмент неодамна за првпат означи една таква организација како терористичка.
Станува збор за Руското царско движење кое, како што се наведува, обучува поддржувачи ширум светот за терористички акции, а помеѓу нив беа и двајца Швеѓани кои извршија низа бомбашки напади во Гетеборг во 2016 и 2017 година.
Вториот вид на опасност се нападите на довербата и вистината по пат на ширење на лажни информации, влијаење на изборни резултати и други напади засновани на манипулација со податоци.
Довербата и вистината се темел на слободните и отворени општества, а предизвикувањето на хаос во отворените општества остава простор за авторитарни тенденции, вели Сју Гордон, која до неодамна се наоѓаше на чело на разузнавачката заедница во САД.
Третата опасност лежи во сферата на т.н. биолошка безбедност во која, во иднина, може да дојде до природни настани како сегашната пандемија, но и несреќни случаи во лаборатории, биотероризам или дури и биолошка војна.
Четвртата опасност се технолошките удари од големи размери, како што се намерните соборувања на електроенергетската мрежа и GPS системите, или неочекувана соларна бура која би можела да има ист или сличен ефект. Како што истакнува авторот на анализата, кон нарушување на модерниот начин на живот кој во голема мера се заснова на технологијата, се склони Русија и Северна Кореја кои во таа цел користат сајбер напади.
Петтата закана денес е помалку заборавена – опасноста од избивање на нуклеарна војна иако, како што се наведува во анализата, властите на САД во текот на изминатите децении презеле големи мерки за намалување на нуклеарните закани, спречувајќи атомското вооружување да стигне до рацете на терористите.
Шестиот проблем се климатските промени – пред коронавирусот да го преземе приматот во светските медиуми, најважна тема беше глобалото затоплување кое во иднина сè повеќе ќе влијае на човечките животи, преку природни непогоди како шумски пожари и урагани. Исто така неизбежни се и појавите како пораст на нивото на морињата и потешкотиите во снабдувањето со храна и вода во некои делови од светот.
Седма закана, не сметајќи го смртниот биланс и економските потешкотии, претставуваат долгорочните последици од пандемијата. Имајќи ја предвид досегашната “несмасност” во борбата против коронавирусот, прашање е дали САД ќе бидат спремни за она што следува по пандемијата поради прераспределбата на моќта во светот, која веќе со децении се одвива на штета на Вашингтон.
Осмата опасност претставуваат катастрофалните земјотреси, а најсериозната закана во таа смисла се големите геолошки раседи во Калифорнија и на уште три локации во земјата.
Деветтата закана се мистериите за светот околу нас, кои и понатаму се во голем број иако човештвото постојано дознава нови работи, благодарение на напредокот на науката и технологијата. Како пример може да се наведе еден од споменатите геолошки раседи кој се простира во сојузните држави Орегон и Вашингтон, а за чие постоење никој не ни знаеше до пред половина век, наведува сајтот.
Извор: Kurir.rs