За подобро да ја согледаат епидемиолошката ситуација, италијанските власти покренаа тестирање на 350 илјади граѓани по пат на серолошки тестови.

Италијанското здружение на пулмолози соопштило дека по прележаната зараза Ковид-19, 30 отсто од пациентите имаат хронични проблеми со дишењето затоа што воспалението на белите дробови предизвикано од коронавирусот и лузните кои што остануваат по болеста, можат засекогаш да ги оштетат белите дробови.

„Тие оштетувања би можеле да бидат основа за други болести, за друга вонредна состојба во иднина и затоа мораме да го зајакнеме одделението за пулмологија“ – изјавил пулмологот д-р Лука Рикелди.

Министерот за здравство Роберто Сперанца, апелирал граѓаните да се огласат на повиците затоа што мора да бидат подготвени за евентуално нов бран на епидемијата кој што го најавуваат многубројни научници и експерти.

Претседателот на Академијата за науки, Џорџо Пари изјавил дека епидемиолошките резултати се добри по намалувањето на рестриктивните мерки од 4-ти мај, но дека сепак граѓаните мора да бидат внимателни.

Евентуалната последица за излегувањето на младите Италијанци во текот на минатиот викенд, ќе биде позната за две до три седмици, додека трае инкубацијата од заразата.

„Кај младите вирусот се шири тајно и без симптоми. Ќе знаеме дури кога болеста ќе се пренесе на нивните родители“ – изјавил шефот на тимот за вонредни ситуации, Пиерлуџи Лопалко.

Инаку, Италија најави дека на 3-ти јуни ќе се отворат меѓународните граници, а конечната одлука ќе се донесе врз основа на анализите од 21 параметар кои што владата ги усвоила за мерење на нивото на заразата.