Додека светот се бори со ширењето на коронавирусот, Антарктикот остана единствениот континент кој е поштеден. За тоа, без сомнеж, придонесе неговата географска изолираност, но и брзите одлуки на властите, кои веднаш го откажаа целиот туризам, го евакуираа целиот персонал кој не е неопходен и ги забрани сите контакти меѓу меѓународните бази. На Антарктикот свои станици имаат 29 земји.
„Ние сме изолирани среде природната изолација што постои од порано“, изјави управителот на чилеанско-антарктичката територија, Алехандро Валензуела.
Воспоставени се строги здравствени протоколи и посетите се ограничени само на нужни материјали.
Чиле го намали својот персонал на Антарктикот на минимум, односно на десет лица во воената база Ескудеро во Јужните Шетландски Острови. Острата клима на Антарктикот отсекогаш барала тесна соработка на разни меѓународни мисии.
Во близина е една од петте руски бази, како и мисиите на Уругвај, Кореја и на Кина. Тие често го растоваруваа товарот заедно и се рекреираа заедно славејќи ги националните празници и родендени. Но, стравот од коронавирусот го прекина целиот физички контакт меѓу членовите на базата.
Антарктикот исто така имаше среќа што кризата се совпадна со крајот на туристичката сезона за време на која континентот го посетуваат годишно околу 50.000 луѓе, кои доаѓаат со бродови за крстарење за да гледаат пингвини и да уживаат во недопрената природа.