Realme Watch паметниот часовник е официјално претставен, а го карактеризираат дисплеј осетлив на допир, опција за следење на работата на срцето во реално време, мерач на кислород во крвта и други функции.
Уредот има 1,4-инчен тачскрин дисплеј со 323ppi густина на пиксели и 380 нита осветлување. Тука е и Corning Gorilla Glass 3 заштитата. Часовникот има четвртест дизајн, со заоблени рабови. Пристигнува со 12 позадини на стартниот екран, а Realme вети уште 100 во следните недели.
Realme Watch има сензор за следење на работата на срцето, вибрациски мотор, акцелерометар во три оски, Bluetooth 5.0 поддршка, IP68 отпорност на вода и прашина. Батеријата од 160mAh нуди до една недела работа со едно полнење. Покрај тоа, компанијата тврди дека батеријата на часовникот трае до 20 дена во штедлив мод.
Корисниците можат на часовникот да примаат известувања од своите телефони, а останатите контроли вклучуваат контрола на музика и одбивање на повици.
Realme Watch се нуди со два дизајна на ремените: Classic и Fashion, како и во четири различни бои: црна, сина, црвена и зелена. Цената на уредот изнесува околу 52 долара, а ќе биде достапен од 5. јуни.