Новите CAD рендери, како и видео клип, покажуваат како би можел да изгледа Samsung Galaxy Note 20. Рендерите ги објави сајтот Pigtou, со соработка со извори кои тврдат дека рендерите се засновани на скици. Извештајот сугерира и дека некои елементи од рендерите не можат да бидат потврдени во овој момент.

Galaxy Note20 од овие скици доста потсетува на Galaxy S20 Ultra, вклучувајќи и сличен камера модул. Димензиите на уредот се 161,8 x 75,3 x 8,5 милиметри. Се очекува дека ќе видиме уште поголем Note20, кој ќе го носи името Galaxy Note20+.

Уредот од CAD рендерите би требало да има 6,7-инчна дијагонала на екранот, а се сугерира дека дисплејот ќе биде целосно рамен, што ќе го олесни користењето на S-Pen паметното пенкалце.

Galaxy Note20 и Note20+ би требало да се појават со истиот интерен хардвер, како и Galaxy S20, што значи Snapdragon 865/Exynos 990 процесор. Претходните гласини сугерираа капацитети на батеријата од 4000mAh и 4500mAh.

Претставувањето на Galaxy Note20 линијата се очекува во текот на Samsung Unpacked настанот во август, а овој пат се очекува целосна онлајн презентација поради познатите проблеми со пандемијата на коронавирусот.