Генералниот директор на Facebook, Марк Цукерберг најави дека очекува дека во следните десет години околу 50 проценти од вработените во компанијата да  работат од дома.

Сепак, тој додаде дека платите ќе бидат намалени за вработените кои живеат во други делови на Соединетите Американски Држави каде трошоците за живот се пониски отколку во Силиконската долина.

– Ние плаќаме многу добро, всушност најмногу на пазарот, но плаќаме по пазарни цени, кои се разликуваат од локација до локација, така што тој принцип ќе продолжи да се применува и во овој случај, рече Цукерберг.

Во Facebook се вработени околу 50.000 луѓе, а компанијата планира да изгради три нови регионални централи во Атланта, Далас и Денвер за повремени собири на вработените кои живеат во близина на тие градови.

Според Sky News, сè уште не е познато каков финансиски ефект врз компанијата ќе има трансферот на голем број вработени на работа од дома, но додава дека покрај одредени заштеди кога станува збор за имот, храна и, потенцијално, заработка, предвид треба да се земе и обезбедувањето опрема за таква работа, што би можело да излезе скапо.