По периодот на гласини, протечени информации и тизери, долгоочекуваниот Poco F2 Pro телефон е официјализиран за пазарот на Европа. Практично во прашање е ребрендиран Redmi K30 Pro, со исти дизајн и спецификации.
Почнувајќи од дисплејот, Poco F2 Pro пристигнува со 6,67-инчен Super AMOLED екран во FHD+ резолуција, со 60Hz освежување и HDR10+ поддршка. Телефонот има моторизиран pop-up модул во кој е сместена 20MP селфи камера.
На задната страна на смартфонот е сместен систем со четири камери, кој го сочинуваат 64MP Sony IMX686 главниот сензор со OIS поддршка, 5MP телемакро сензор, 13MP ултраширок сензор и 2MP сензор за длабочина.
Poco F2 Pro го покренува моментно најактуелниот премиум чипсет на компанијата Qualcomm – Snapdragon 865, во комбинација со до 8GB RAM и 256GB простор за складирање. За конекција е задолжена 5G мрежата во standalone (SA) и non-standalone (NSA) модови.
За да се обезбеди подобро искуство за забава на корисниците, телефонот е опремен со LiquidCool 2.0 систем за ладење, кој ја регулира температурата по повеќечасовен гејминг. Сето ова го напојува 4700mAh батерија со поддршка за 30W брзо полнење. За софтверската поддршка е задолжен Poco Launcher 2.0 и Android 10.
Poco F2 Pro ќе биде достапен во Neon Blue, Phantom White, Electric Purple и Cyber Grey варијанти. Кога се во прашање цените, моделот со 6GB RAM и 128GB простор за складирање ќе чини 499 евра, додека 8GB + 256GB моделот ќе чини 599 евра.