Македонските компании ќе имаат можност за добивање на неповратна финансиска помош за отворање на своја е-продавница со сопствено софтверско решение или како дел од постоечки локален онлајн пазар.

Оваа активност е дел од иницијативата „Ecommerce4All” која се реализира од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Целта на јавниот повик е да се поддржат домашните компании кои сакаат да отворат своја е-продавница или пак, старт-апи кои сакаат да работат во областа на е-трговијата. Со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се вклучува во напорите за подигнување на свеста и зголемување на понудата за е-трговијата во нашата земја.

– „Како два клучни проблеми, кои беа мапирани и потврдени од двете годишни анализи за раст и развој на е-трговијата, се покажаа недоволната едукација и недоволната понуда во областа е-трговија.

На едукација работиме веќе трета година и ќе продолжиме да работиме уште повеќе бидејќи тој пат е навистина долг и има уште многу работа, а сега преку оваа иницијатива дополнително ќе ги мотивираме компаниите да дигитализираат дел од своите услуги и да отворат нов или дополнителен продажен канал – e-продавница, кој ќе им овозможи да ја зголемат својата продажба и дигитално присуство, истовремено зголемувајќи ја понудата во е-трговијата во Северна Македонија.“ – велат од АЕТМ.

Вкупниот буџет за овој јавен повик изнесува 40.000 долари (2.240.000,00 денари), а истиот ќе биде распределен на 40 избрани апликанти, односно 1000 долари по апликант од кои 50% финансиска помош и 50% консултантска помош од страна на избраните онлајн пазари или ИТ компаниите кои ќе ги изработуваат самостојните e-продавници.

Аплицирањето, кое е достапно на веб сајтот на Асоцијацијата https://ecommerce.mk/ecommerce4all/, е отворено за сите микро, мали и средни компании, стартапи, здруженија и занаетчии кои сакаат да отворат своја е-продавница.

Јавниот повик трае до 15 мај, по што ќе следи евалуацијата на апликациите од страна на комисија составена од експерти од областа на е-трговијата.

Јавниот повик во интегрална форма е достапен на следниот линк.