Два тима млади иноватори кои креираа дигитални решенија за поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот, избрани се да ја претставуваат земјата во глобалниот младински предизвик „Генерација без граници 2019/2020“.
Целта на младинскиот предизвик „Генерација без граници 2019/20“ е да ги инспирира младите кои имаат брилијантни идеи, но немаат средства да ги остварат и се одржува во 41 земја во светот, вклучувајќи ја и нашата, како дел од партнерството на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија.
„Generation Unlimited е извонредна иницијатива која создава простор за младите луѓе да нè инспирираат, поттикнува модернизирање и инвестиции во образованието, подобрување на шансите за вработување преку стекнување вештини, како и градење свест за граѓански активизам, а со тоа им помага на заедниците да создадат сопствени проекти и креативни функционални решенија“, рече претседателот Пендаровски во своето обраќање на завршниот настан на овогодишниот „Generation Unlimited – Младински предизвик”.
Двата најдобри тима – “Bionic” со своето решение за изработка на финансиски достапна роботска рака и “Mind Benders“ со своето дигитално ресторанско мени со кое услугите стануваат инклузивни и пристапни за сите – ќе добијат награда од 2.000 американски долари од Фондацијата Телеком за Македонија и ќе учествуваат во глобалниот предизвик, со шанса да добијат дополнителни средства до 20.000 американски долари, како и поддршка од глобалната програма за инкубација од партнерите на „Генерација без граници“ за проширување на решението.
„Целта на овој предизвик беше да ги поттикнеме младите да ја користат технологијата како алатка што треба да им служи на луѓето. Во дигиталното општество што го градиме најголемиот предизвик е како да го намалиме дигиталниот јаз, како да ги вклучиме сите, без исклучок. Технологијата е навистина моќна алатка и особено сега кога социјалната изолација рапидно ја забрза дигитализацијата, најважно е да научиме да ја користиме за добро“, рече Никола Љушев, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Тимот “Нешто нетипично“ со својата мобилна апликација Walkiie која ги поврзува волонтерите со деца и млади со интелектуална попреченост за организирање социјални активности, добија почесно трето место и ќе добијат 1.000 американски долари од Фондација Телеком за Македонија и дополнителна локална менторска поддршка за да продолжат со градење на својата иницијатива.
„Сега, повеќе од кога и да е, разбираме колку е важно да создадеме еднакви можности за секое дете, вклучувајќи ги и децата со попреченост, да има фер шанса да го исполни својот потенцијал. Со сегашната потреба од физичко дистанцирање, уште подобро ја разбираме важноста на користењето дигитална технологија за овие можности да ги претвориме во реалност. Освен тоа, откако ги видовме неверојатните резултати од работата на младите ангажирани во овој предизвик, нема сомнение дека кога им се дава простор, младите имаат порив, креативност и способност да го преземат водството во изнаоѓање решенија кои ќе донесат позитивни промени во нивниот живот, но и во нивните заедници“, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани.
Повеќе информации за победничките тимови и нивните идеи:
Тим „Bionic“: Осврнувајќи се на проблемот на недостапност, тешка или невозможна приспособливост и високата цена на ваквиот вид помагала како што е протетичката рака, тимот го изгради своето дигитално решение во форма на он-лајн, бесплатна и отворена услуга за сите. Тие обезбедуваат упатство и насоки кои ќе им помогнат на корисниците да направат протетичка бионичка рака според димензиите што му одговараат на секој поединечен корисник, ги упатува и учи корисниците како самите да ги испечатат деловите на раката со сопствен 3Д печатач или преку услуга за 3Д печатење со насоки како да ја состават. Нивните истражувања на пазарот покажаа дека постоечките решенија се протези со цена која надминува десетици илјади евра, додека нивното решение може да се изработи за околу 100 до 200 евра.
Тим „Mind Benders”: Има за цел да ги отстрани пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост во рестораните, кафулињата, пекарите и други угостителски услуги. Нивната мобилна апликација “Дигитално мени” содржи библиотека од дигитализирани од ресторани прилагодени да бидат пристапни за лица со оштетен вид, оштетен слух, дислексија и лица што живеат со аутизам. Работејќи директно со сопствениците на рестораните тимот успеа да направи пристапни менија во 25 ресторани и планира да го зголеми бројот и да воведе пристапна опција при правење нарачки онлајн.
Целиот настан можете да го видите на следниот линк:
За младинскиот предизвик „Generation Unlimited“ (Генерација без граници)
Младинскиот предизвик Generation Unlimited Youth challenge 2019/2020 се одвива во 41 земја во светот, вклучувајќи ја и нашата и ги поттикнува младите да креираат решенија што се во согласност со трите клучни столба на Генерација без граници: средно образование; вештини за учење, вработување; и оспособување.
Кај нас, националниот младински предизвик е дел од партнерството на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, а го спроведува Лабораторијата за социјални иновации Смарт Ап со локална поддршка од македонскиот Сојуз на извидници. Преку јавен повик, младите беа повикани да креираат иновативни решенија како одговор на прашањето: „Како може дигиталната технологија да придонесе кон поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот?“. Успешните кандидати беа поканети да учествуваат во дизајнерски работилници и петте најперспективни идеи беа наградени со по 1.000 американски долари, а добија и менторство за поддршка при реализација на проектите. За да дознаете повеќе за
Генерација без граници, посетете ја страницата https://www.genunlimited.mk/
Најперспективните идеи од глобалниот предизвик ќе придонесат за успехот на глобалната иницијатива Generation Unlimited – амбициозно мултисекторско јавно-приватно глобално партнерство наменето да ги исполни потребите од проширено образование, обука и можности за вработување на младите луѓе.