На забавен и креативен начин, Виз Ер Скопски маратон ја претставува новата виртуелна трка „СКМ Виртуелна трка – Трка за забава“ преку која ќе трчате, но и ќе се забавувате. Иако овој викенд, на 10-ти мај, требаше да се одржи Виз Ер Скопски Маратон, кој се одложи за 4-ти октомври оваа година, а во неделата пред одржувањето на маратонот од организацијата секогаш имало интересни и возбудливи содржини.
Така и сега, тие ја организираат бесплатната „СКМ Виртуелна трка – Трка за забава“ на која што може да учествува секој без разлика на кој дел од светот се наоѓа. Единствен услов за учество е да се почитуваат препораките од надлежните, секој да трча сам или на растојание од 2-3 метри и да се избегнува групирање и локации со голема фреквенција на движење.
Регистрацијата за „СКМ Виртуелна трка – Трка за забава“ е бесплатна и ќе трае од 5-тти до 15-ти мај со официјална должина на трката од 5 километри. Во овој период ќе треба и да ја истрчате трката. Дозволено е одење или трчање во еден ден или во неколку денови во периодот додека трае виртуелната трка. Исто така, оние кои се спремни може да истрчаат и повеќе километри од предвидените 5км и истите ќе бидат прикажани во листата на резултати. Сепак, одлучувачки фактор за најдобар резултат ќе се земе времето на најдобрите 5 км од истрчаната должина, потребно за истрчување на 5-тте километри потребни за виртуелната трка.
За учество во „СКМ Виртуелната Трка – Трка за забава“ можете да се регистрирате на два начини. Доколку трчате со мобилен телефон, треба да ја инсталирате апликацијата Racemap (достапна бесплатно на Play Store и App Store) на која е креирана самата СКМ Виртуелна трка, а мора да се регистрирате пред да трчате на самата апликација со едноставен внес на вашето име, презиме и омилен број. Но, доколку трчате со GPS часовник или друга мобилна апликација, регистрацијата се прави по трчањето на следниот линк: http://skopskimaraton.com.mk/skmvirtuelrun_GPXupload.
Можете да трчате на било која локација во светот и онаму каде што вам најмногу ви одговара.
Време е за спорт и многу забава со „СКМ Виртуелна трка – Трка за забава“. На оваа трка сите сме победници!
Повеќе информации за СКМ Виртуелната трка можете да најдете доколку го посетите следниот линк: http://skopskimaraton.com.mk/skmvirtualrun.