Интернационална група научници за прв пат во историјата ја претстави првата фотографија од црна дупка. А сега имаме и продолжение на ова откритие – најчистите слики од огромен млаз исфрлен од супермасивна црна дупка.

Супермасивната црна дупка се наоѓа во срцето на светлиот квазар 3C 279, оддалечен 5 милијарди светлосни години од Земјата. Квазрите се едни од најсветлите космички објекти со кои сме запознаени. Тие претставуваат галаксии со екстремно големи црни дупки и истите емитираат многу силна радијација која се јавува како резултат на гасот кој паѓа кон хоризонтот на настани.

Новите резултати произлегуваат од набљудувањата кои ни ја овозможија историската слика од Телескопот Хоризонт на Настани (Event Horizon Telescope – EHT) кој ја сликаше во Април 2017 година. 3C 279 беше еден од четирите дополнителни објекти кои беа набљудувани и сега конечно ја имаме и можноста да ги погледнеме возбудливите резултати.

Веќе знаеме дека кога материјата паѓа кон некоја гладна супермасивна црна дупка, мал дел од материјата (гасовите и прашината кои ја опкружуваат црната дупка) забрзува речиси и до брзината на светлината. Како резултат на тоа, црната дупка произведува млаз од најбрзите честички во познатиот Универзум.

Тимот кој што управуваше со EHT сега ни претставуваат еден ваков млаз во детали кои досега беа незамисливи и го опишуваат дури и дискот на акретацијата на црната дупка во 3C 279. Иако ни изгледа малку матно, се работи за огромно богатство на информации.

За почеток, тимот беше малку изненаден од податоците. Имено, млазот треба да е праволиниски, но податоците покажуваат дека постои закривување во основата, проследено со издолжена структура, правопропорционална со насоката на млазот.

„Оваа морфологија може да ја интерпретираме како широко распространета млазна основа или како просторно свиткан млаз,“ стои во научниот труд кој брои 351 автор.

Бидејќи набљудувањата се одвиваа неколку дена, истражувачите можеа да заклучат одредени промени кои се веќе предвидени од разни симулации, но не и директно набљудувани, а тоа се ротацијата на дискот на акретација и раскинувањето на самата материја додека паѓа кон црната дупка.