Кинескиот технолошки гигант Huawei го претстави новиот паметен телевизор од својата понуда, кој го носи името Huawei Smart Screen V55i.

Овој паметен ТВ доаѓа со LCD екран со големина од 55 инчи и поддршка за 4K резолуција. Телевизорот поседува многу мали рамки околу дисплејот, кој поддржува 90% широк спектар на DCI-P3 бои и опремен е со MEMC технологија на компензација на движењата.

Кога е во прашање чипсетот, Huawei Smart Screen V55i го покренува Honghu Smart четиријадрениот процесор на Huawei, кој се состои од две Cortex-A73 јадра и две Cortex-A53 јадра. Процесорот го испорачува и четиријадрениот Mali-G51 графички чип, а спарен е со 4GB работна меморија и 64GB простор за складирање.

Huawei Smart Screen V55i е опремен со паметен аудио систем и има осум звучника. Овој Smart TV користи и pop-up селфи камера, која поддржува Full HD видеа од 1080p. Од кинеската компанија наведуваат дека камерата има способност да снима импресивни видеозаписи во услови на слабо осветлување. Тоа е автоматски скокачки механизам, кој ја сокрива камерата кога не се користи, штитејќи ја приватноста на корисниците. Покрај тоа, камерата донесува и паметни функции, како што е препознавањето на лицето итн.

Цената и достапноста се уште не се објавени, но наскоро можеме да ги очекуваме и овие информации.