Џун Алмеида го открила првиот коронавирус кај луѓето. Ковид-19 е нова болест, но е предизвикана од коронавирус од истиот вид што го открила Алмеида во 60-тите години во Лондон.
Докторката е родена во 1930, а пораснала во Глазгов. Таа почнала да работи во лабораторија пред да го заврши образованието, а подоцна се преселила во Лондон. Во 1954 се венчала со Енрике Алмеида, уметник од Венецуела. Брачниот пар и нивната ќерка се преселиле во Торонто и таму докторката најмногу ја совладала работата со електронски микроскоп.
Таа измислила метод за подобро набљудување на вирусите користејќи антитела. Нејзиниот талент бил препознаен од британските власти и била повикана да работи на медицински факултет во Лондон при болницата „Сент Томас“.
Во соработка со докторот Дејвид Тирел, кој ѝ испратил примерок во 1960, таа го открила првиот човечки коронавирус. Алмеида претходно видела сличен примерок кај глувци и кокошки. Сепак, нејзиното истражување за коронавирусот било одбиено од научно списание бидејќи експертите сметале дека сликите што таа ги направила биле само лоши слики од обичен вирус.
Откритието конечно било објавено во 1965, а првите фотографии од она што Алмеида го видела под микроскоп биле објавени две години подоцна. Директорот Тони Ватерсон од болницата „Сент Томас“ го дал името коронавирус поради кругот, односно круната околу вирусот која се забележувала на сликите.
Алмеида добила и докторат, а работела и на повеќе патенти за фотографирање вируси. Алмеида подоцна била и инструктор за јога, а на вирологијата ѝ се вратила во улога на советник во 80-тите години кога помогнала во откривањето на ХИВ. Алмеида починала во 2007 година на возраст од 77 години.
Извор: BBC