Досега веќе слушнавме некои информации за iPhone 2020 моделите на компанијата Apple, а сега имаме CAD рендери на уредот за кој се верува дека е iPhone 12 Pro Max. До нацртите дојде дојавувачот Max Weinbach, и во партнерство со Everything Apple Pro ги претвори во рендери со висок квалитет и 3D испечатен модел на уредот.
Според наводите, комплетирани се само 70 проценти од CAD моделот, па некои детали се пополнети со информации од претходните гласини. Рендерите потврдуваат некои од претходно протечените детали, почнувајќи од рамните рамки околу екранот, како и порамниот стаклен панел со помала закривеност по рабовите. Присутен е и помал засек во дисплејот, каде што ќе биде сместена предната камера и сензорите за Face ID.
Рендерите сугерираат дека iPhone 12 Pro Max ќе биде потенок од неговиот претходник, со дебелина од околу 7,4 мм, но затоа ќе биде подолг и поширок. Испакнувањето за камерата е исто така поголемо од она на iPhone 11 Pro Max моделот, додека самите камери нема да бидат толку изразени.
Останатите видливи измени на дизајнот вклучуваат пошироки антени, кои ќе помогнат кај 5G поддршката, додека SIM слотот е поместен под копчињата за јачина на звукот, наместо како досега, под копчето за вклучување. Таму каде што досега беше SIM слотот, рендерот сега сугерира Smart Connector.
Новите смартфони на Apple се очекуваат во текот на есента, кога ќе имаме и потврда на нивниот дизајн.