Проектот Hyperloop пред неколку години го смисли Елон Маск, но го даде на слободно користење и развивање на сите компании заинтересирани за такво нешто. Оттогаш со идејата за транспорт преку ултрабрзи вагони и вакуумски цевки се занимаваат многу студентски тимови, компании и експериментални лаборатории во светот, а една од нив е и холандската компанија Hardt Hyperloop. Таа е основана во 2017 година по победата на едно натпреварување на Маск за идејни решенија, а се залага овој начин на превоз да го замени класичниот на средните релации во Европа.
Поврзувањeто на метрополите како Амстердам и Париз, на пример, со Hyperloop со кој капсулите патуваат со брзини до 1.000 километри на час би овозможилo скратување на времето на патувањето на копно меѓу тие два града на само 90 минути, а сега овие Холанѓани имаат и студија со која докажуваат дека проектот е економски исплатлив.
Во соработка со покраината Северна Холандија, тие нарачале економска студија која покажала дека поврзувањето на Амстердам со Париз, но и Брисел, Диселдорф и Франкфурт, на оваа провинција би ѝ донело 275 милијарди евра дополнителен БДП. Најголем дел од овој износ би доаѓал од заштедите што би се оствариле од кратките патувања на работа и од работа и последователно од поголемата мобилност на работната сила, која полесно и побрзо би стигнувала во Амстердам и околината.
The results of our study with the Dutch province of Noord-Holland show the remarkable economic benefits of hyperloop connections between Amsterdam and economic areas such as the German Ruhr. Want to learn more? View the full report here: https://t.co/9PhBuBGEtp
— Hardt Hyperloop (@HardtGlobal) April 9, 2020
Дополнително, би се растоварил и воздушниот сообраќај на инаку многу фреквентниот амстердамски аеродром „Схипхол“ за приближно 24.000 лета на кратки релации, што значително би го намалило и еколошкото влијание на транспортната индустрија.
Футуристичкиот транспорт со хајперлуп сѐ уште е далеку од комерцијализација, но оваа холандска компанија во соработка со индискиот концерн „Тата Стил“ веќе гради 3-километарска цевка за тестирање во која ќе ги испитува можностите на својата технологија.
Извор: Bug.hr
Поврзани артикли