Министерството за труд и социјална политика соопшти дека е во функција делот за предучилишно образование на националната платформа за е-учење ЕДУИНО, која е подготвена во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и со останатите партнери.
– ЕДУИНО е едукативна платформа наменета за сите воспитувачи и родители на која може да се најдат, користат и преземат материјали, игри и активности за деца на возраст од 3 до 6 години. Платформата обезбедува содветни содржини за учење базирано на игра во воспитно-образовните институции – градинки/центри за ран детски развој, како и во домот со родителите за да се осигурa квалитетна едукација и забава за најмладите. Оваа платформа нуди видеа со разработени воспитно-образовни содржини за децата на предучилишна возраст од 3 до 6 години. Видеата се во траење од 15-ина минути и се придружени со презентација и нарација/објаснување од воспитувач. Досега се поставени над 150 видеа на македонски и на албански јазик соопшти МТСП.
Во иднина, сите воспитувачи и родители на оваа платформа ќе може да најдат и преземат материјали, игри и активности подготвени за користење за деца од 3 до 6-годишна возраст.