Дистрибутерската куќа „Катавеј“ од Скопје се приклучи во кампањата #СедиДома, овозможувајќи колекција од околу 200 бесплатни филмови онлајн преку сопствената домашна онлајн видеотека Cinesquare.
„Во време кога вратите на кината остануваат затворени во догледен период и препораките сите да останат во своите домови во обид да се спротивставиме на ширењето на коронавирусот, до крајот на месецот преку платформата Cinesquare нудиме бесплатни играни долгометражни филмови, документарци и кратки филмови за сите корисници во 13 територии“, велат од дистрибутерската куќа преку допис до медиумите.
Само регистрација на cinesquare.net или на Android-апликацијата достапна на Google Play е доволно да се пристапи кон бесплатните содржини во оваа понуда.
Колекцијата, како што додаваат од „Катавеј“, е достапна како резултат на добрата соработка со голем број дистрибутери и продуценти за да одговори на потребите и очекувањата на публиката во овој тежок период и квалитетно да исполни дел од своето време дома преку содржини кои не се дел од каталогот на глобалните играчи, како и да придонесе против ширењето на вирусот.
Не е заборавена ниту најмладата публика за која се достапни филмови со превод, како и синхронизирани филмови меѓу кои и на македонски јазик. Освен ова, платформата во соработка со Филмскиот фестивал за млади Џифони Македонија го направи бесплатно достапен и детскиот каталог со промотивен код.
Поврзани артикли