Една од компаниите на милијардерот Ричард Бренсон, која е фокусирана на развој на ракети за лансирање мали сателити, одлучи да помогне во борбата против пандемијата со коронавирусот.

Компанијата Virgin Orbit дизајнираше свој респиратор кој ќе помогне во третманот на пациенти заразени со COVID-19. Компанијата планира масовна продукција на новиот уред откако ќе ги добие сите потребни одобрувања и дозволи.

Уредот е така дизајниран да им помогне на пациентите да добијат доволно кислород при проблеми со дишењето. Тој автоматски ги „пумпа“ т.н. амбулантни вреќички кои медицинските лица инаку ги користат рачно и на тој начин се испраќа воздух кон белите дробови на пациентот.

Целта е овие уреди да се користат за пациенти на кои им е потребен кислорот повремено и кои не мора да се постојано приклучени на стандарден респиратор. Тоа ќе значи ослободување на поголемиот број респиратори и ќе им овозможи на медицинските лица да ги насочат стандардните респиратори кај пациентите на кои им се многу потребни.

Virgin Orbit не е единствената компанија која го пренасочи производството кон правење медицинска опрема. Слични потези направија и Dyson, Tesla, General Motors, Ford и други компании. Тие своите уреди ќе ги дадат на располагање на болниците во САД.

Извор: Klix.ba