OnePlus се подготвува за објава на своето најново семејство на паметни телефони, а кинеската компанија веќе обелодени некои информации како што е поддршката за 120Hz дисплеј.

Сега дојавувачот Ishan Agarwal ги објави прилично целосните спецификации на OnePlus 8 и 8 Pro телефоните, сугерирајќи дека компанијата планира да ги објави двата модела во исто време. Pro моделот, секако ќе биде подобар и ќе има некои сериозни предности во однос на стандардната верзија на телефонот.

За почеток, OnePlus 8 Pro ќе има 120Hz дисплеј со QHD+ резолуција, додека стандардниот OnePlus 8 ќе има FHD+ дисплеј @90Hz. Исто така, Pro моделот ќе има опција за безжично полнење од 30W. Тука е и поддршката за обратно безжично полнење, додека стандардниот OnePlus 8 не поддржува ниту една од овие опции.

Уште една битна работа, која OnePlus претходно не ја имплементираше е IP класификацијата, па така OnePlus 8 Pro ќе добие IP68 водоотпорност. Стандардниот OnePlus 8 и натаму останува без оваа поддршка.

Разлики има и на полето на камери. Pro моделот има четири камери, со два 48MP сензори, еден 8MP и еден 5MP сензор. Стандардниот OnePlus 8 има три камери со 48MP + 16MP + 2MP сензори. Двата модела имаа 16MP селфи камери.

Остатокот од карактеристиките е стандарден за годинашните премиум телефони и вклучува Snapdragon 865 чипсет, 8GB или 12GB меморија и 128GB или 256GB простор за складирање (UFS 3.0). Батеријата е со капацитет од 4510mAh за OnePlus 8 Pro и 4300mAh за OnePlus 8.