Volkswagen потврди дека електричниот ID.3 ова лето ќе биде доставен до првите клиенти и тоа 30.000 единици истовремено. Тие ја потврдија и цената за германскиот пазар, која ќе биде пониска од цената на Golf

Електричниот ID.3 на Volkswagen е еден од најочекуваните електрични автомобили во моментов. Според помпезните најави од германската компанија, овој автомобил треба да биде пресвртна точка за нив и исто толку важен дел од гамата како што низ историјата биле VW Beetle (Буба) и Golf. Исто така, со влегувањето на ID.3 на пазарот, електричните автомобили треба да станат подостапни и полека да влезат во „mainstream“.

Иако имаат одредени проблеми со софтверот, во Volkswagen се убедени дека ID.3 ќе биде доставен до купувачите ова лето, а ажурирањата на софтверот ќе бидат дистрибуирани последователно. Тековниот план е да се испорачаат дури 30 000 автомобили скоро истовремено, на сите купувачи во Европа кои го нарачале т.н. „Прво издание“ (First Edition).

ID.3 треба да биде поевтин од споредливите автомобили со фосилни горива, пред се во однос на Golf. Во Германија, новиот ID.3 треба да чини 23.430 евра. Ова е основната варијанта со 330 километри автономија, со вклучени државни субвенции. Возачите во Германија воедно ќе заштедат околу 840 евра годишно за ставки како што се даноци, замена на масло, осигурување и енергија.

Со оваа политика, Volkswagen сака да направи цената да биде аргумент плус за електричните автомобили. Во блиска иднина, електричните возила треба да бидат поевтини од конвенционалните возила, дури и без дополнителни еко субвенции, сметаат во компанијата, која инаку планира да инвестира дури 33 милијарди евра во електрична мобилност во наредните години.

Извор: Додај Гас