Apple неодамна инвестираше во развојот на ARM процесори, а од компанијата се очекува да го објави својот прв Mac компјутер заснован на ARM во текот на 2021. година. Покрај ова, се очекува А14 мобилниот процесор да почне масовно да се произведува од април оваа година.
Research Snipers известува дека A14 чипсетот би можел да надмине работен такт од 3GHz, и дека би можел да работи на фреквенција од 3.1GHz. Тоа е за 400MHz повеќе од што постигнува А13 процесорот во iPhone 11 и iPhone 11 Pro телефоните.
Засновано на овие нови информации, А14 чипот би требало во single-core перформансите да оствари 1658 поени на Geekbench 5, што е зголемување од 25% во однос на A13. Очекуваните перформанси во multi-core тестот се 4612 поени, со зголемување од 33 проценти во однос на A13. Ова перформансите на A14 чипот би ги израмнило со некои лаптопи.
Преминот на 5nm процес на производство дополнително ќе помогне и кај намалувањето на потрошувачката, како и загревањето на процесорот. Apple има шанса да биде прва компанија со ARM процесор, кој надминува такт од 3GHz, а останува да се види дали овие најавени перформанси ќе бидат во согласност со она што на корисниците ќе им биде испорачано во крајниот производ.